Англија е првата европска репрезентација која и официјално избори место на Светското првенство во 2026 година, откако синоќа убедливо со 5:0 славеше на гости кај Летонија. Предводник на Гордиот Албион во овој убедлив триумф беше капитенот Хари Кејн, кој постигна два гола.
Со овие погодоци, Кејн само потврдува дека е во фантастична форма. Сезонава тој одигра 13 натпревари за клубот Баерн Минхен и репрезентацијата, а вкупно има постигнато 21 голови.
„Би рекол дека сум во најдобра форма во кариерата. Бројките тоа го покажуваат. Тоа е начинот на кој се чувствувам на теренот, начинот на кој ги гледам додавањата, физички сум подготвен“, вели Кејн.
Капитенот на Англија е пресреќен што успешно ја завршија работата во квалификациите за СП 2026, и тоа на две кола пред крајот.
„Го правиме да изгледа лесно, но овие групи можат да бидат тешки и мора да бидеме целосно фокусирани во секој натпревар. Да се квалификува со два натпревари до крајот е големо достигнување, да не се прими гол, да се игра одличен фудбал“, додаде напаѓачот.
Пофални зборови за играта на Кејн имаше и од селекторот Томас Тухел, кој вели дека Англичанецот е еден од најдобрите напаѓачи со кои соработувал.
„Тој е на врвот на листата на фудбалери со кои сум соработувал. Игра во одлична форма, ментално и физички, полн со самодоверба“, вели Тухел, кој исто така е пресреќен што Англија успешно ја заврши работата во квалификациите.
Англија во квалификациите има шест победи во шест меча, и тоа без ниту еден примен гол.