Кејн го пропушта дуелот со Евертон, а можеби и со Ц. Ѕвезда

Проблемите не престануваат да се појавуваат во редовите на Тотенхем. Маурисио Покетино и неговите избраници никако да се опорават од лошиот старт на сезоната, а голем придонес за слабите резултати имаат и повредите на неколку клучни играчи.

За денешното тешко гостување на „Гудисон парк“ против Евертон, Покетино нема да смета на Хари Кејн, кој не отпатувал за Ливерпул поради болест. Во таборот на Петлите се загрижени бидејќи настинката може да го спречи Кејн да се појави на теренот во Белград во среда, кога Тотенхем гостува кај Црвена ѕвезда во рамки од четвртото коло во ЛШ.

Тешко ќе му биде на клубот од Лондон во обидот да издвои позитивни резултати бидејќи и двата меча се клучни за нив. Победа кај Евертон ќе значи крај на мини-серијата без триумф во Премиер лигата и подвиг на табелата, додека против српскиот шампион ќе се води битка за втората позиција во групата, која носи пласман во нокаут фазата од најелитното европско натпреварување.

Во пресрет на денешната пресметка, Тотенхем е на 13-тото место со 12 бода, додека Евертон е веднаш над црвената зона со два бода помалку од ривалот.

 

- Оглас -

Најнови вести