Кејн: Ова е магичен момент, станав најдобар стрелец во историјата на Тотенхем пред нашите навивачи

Капитенот на Тотенхем, Хари Кејн, изјави дека е среќен што во дербито со Манчестер сити стана нов рекордер на Петлите по бројот на постигнати голови на официјалните натпревари. Кејн против Граѓаните го постигна 267-тиот гол за Тотенхем и го надмина Џими Гривс.

„Ова е магичен момент. Очајно сакав да го направам ова, да дадам гол и да победиме. Исто така сакавме да не примиме гол. За мене посебен момент беше што го соборив рекордот пред нашите навивачи. За ова се зборуваше многу пред натпреварот и само сакав да го направам тоа. Навистина е посебно да се дојде до ваков рекорд во натпревар против една од најдобрите екипи на светот“, рече Кејн.

Освен што стана најдобар стрелец во историјата на Тотенхем, Кејн стана и само третиот фудбалер кој постигнал 200 гола во Премиер лигата. Досега тоа им успеало само на Алан Ширер, кој има дадено 260 гола и на Вејн Руни, кој постигна 208 гола.

На Кејн за да дојде до оваа бројка му беа потребни 304 натпревари, на Ширер два натпревари повеќе, додека Руни во 462-тиот меч во Премиер лигата дојде до 200-тиот гол.

„Кога станав стартер за првпат, не можев да си замислам дека ќе постигнам 200 гола во Премиер лигата. Возбудливо е да се биде во оваа одбрано друштво, а ми останаа уште многу години и ќе има уште голови“, изјави Кејн.
Хари Кејн првиот гол за Тотенхем го постигна во декември 2011 година.

- Оглас -

Најнови вести