Напаѓачот на Баерн Минхен, Хари Кејн, откако за рекордно време ја достигнува границата од 100 гола за клубот од Минхен, рече дека сака да остане во клубот, затоа што тоа е вистинското место за освојување трофеи.
Англичанецот синоќа постигна два гола во победата од 4-0 над Вердер Бремен и сега има 100 гола на 104 натпревари за тимот. Со тоа стана играч кој најбрзо постигнал 100 гола за клуб од петте најсилни лиги во Европа. Стариот рекорд го делеа Кристијано Роналдо и Ерлинг Халанд кои до 100 гола во Шпанија односно Англија дојдоа после 105 меча.
„Лудо е. Да постигнам 100 гола за овој голем клуб е голема чест. Ова достигнување е исто така благодарение на моите соиграчи и тренерскиот штаб. Тие ми помагаат. Многу сум горд што го постигнав ова толку брзо. Се надевам дека ќе можам да постигнам уште 100 гола што е можно поскоро“, рече Кејн.
Кејн ги коментираше и гласините за неговото можно враќање во Англија.
„Не, не размислувам за враќање во Премиер лигата во моментов. Навистина сум среќен тука. Имам уште две години од мојот договор. Уживам во секој момент. Баерн дефинитивно е најдоброто место за освојување трофеи“, изјави Кејн.