Германските медиуми го следат секој чекор на Хари Кејн, и веќе нема дилеми дека тој наскоро ќе стане нов член на Баерн Минхен.
Малиот приватен авион во кој беше Кејн, во 19.07 часот вечерва слета на аеродромот во Оберфафенхофен, место јужно од Минхен. Таму го чека црвен автомобил со кој англискиот голгетер треба да замине на лекарски прегледи како формалност пред официјалното потпишување на договорот.
Во текот на денот, забавна објава на социјалните мрежи имаше Алан Ширер, првиот стрелец во историјата на Премиер лигата. Рекордот на Ширер можеше да биде урнат од Кејн, но тој го напушта англиското првенство и некогашниот голгетер на Блекбурн и Њукасл е задоволен што останува рекордер, па се пошегува со монтирана фотографија на која е облечен пилот.
„Ајде Хари, време е да одиме“ – се нуди Ширер да го носи Кејн во Минхен, само за да не остане во Англија и да не му го загрози рекордот.