Дарко Чурлинов досега покажа најмногу од тројцата таленти кои се со сениорскиот тим на Келн на зимски подготовки во Мајорка, пишуваат локалните медиуми од Келн.
„Дарко Чурлинов досега покажа најмногу од триото таленти на Келн. Игра како да е долго време професионалец, иако има само 18 години. На негова страна како предност е што има и повеќе искуство, а тој е и најмладиот репрезентативец на Македонија“, пишуваат германските новинари.
Тренерот на Келн, Маркус Анфанг, на подготовките ги вклучи и Томас Острак и Даниел Адамчик, кои заедно со Чурлинов се членови на составот на Келн за играчи до 19 години. Сега за првпат се на подготовки со сениорскиот состав, што е оценето како храбар, но и исправен потег на кормиларот на популарните „јарци“.
„Ги респектираме поискусните соиграчи, ги слушаме нивните совети, но на терен сакаме да покажеме дека сме квалитетни и дека можеме наскоро да заиграме за првиот состав на Келн. Добро е што сме тројца млади играчи, полесно ни е да се вклопиме со првотимците на нашиот сениорски состав“, вели Чурлинов.
Тој е најмладиот репрезентативец на Македонија во историјата, а истакна дека е горд на настапот против Белорусија во Скопје, дебитантски за него, на возраст само од 16 години и 8 месеци.
„Имав голема чест да дебитирам за националниот тим пред две години. Тој меч за Македонија ќе го паметам засекогаш“, додаде Чурлинов.
Дарко веќе дебитираше и за сениорскиот состав на Келн непосредно пред заминувањето за Мајорка, а одигра одлично полувреме против Гронинген. Чурлинов влезе во игра на стартот од вториот дел на тест-мечот со холандскиот прволигаш, а „јарците“ успеаја од 0-1 да стигнат до победа од 3-1.