Кениец со НБА потенцијал е нов играч на МЗТ Скопје Аеродром

Кенискиот интернационалец кој доаѓа од американската ЏИ-лига, Нуни Омот (24 год, 206 см), е првото странско засилување за МЗТ Скопје Аеродром за новата сезона, откако денеска потпиша договор до крајот на сезоната.

Станува збор за крилен центар, кој добро се снаоѓа и на позицијата „3“ и кој, како што велат голем број американски стручњаци, важи за играч со огромен потенцијал поради што, според нив, нема да биде чудо ако во блиска иднина заигра и во НБА-лигата. Тој веќе знае како е да игра за екипа која е дел од најсилното кошаркарско натпреварување во светот. Лани прво настапи на пет средби во Летната лига во дресот на Голден стејт вориорс, а потоа беше дел од тренинг кампот на Бруклин нетс, екипа за која настапи и на претсезонскиот натпревар против Њујорк никс.

Омот непосредно пред почетокот на минатата сезона беше префрлен во филијалата на „мрежичките“ во развојната ЏИ-лига, што значи дека е интересен кошаркар за челниците на овој НБА-тим. Во дресот на вториот тим на Бруклин нетс, настапи на 44 средби со просек од 5,5 поени и два скока. Претходно, имаше и повеќе од солидна универзитетска кариера во дресот на Бејлор универзитетот, каде што пристигна кога во професионалци замина нашиот доскорешен играч, Лестер Медфорд, кој исто настапуваше за оваа екипа. Во последната сезона во НЦАА-лигата тој на 34 средби имаше просек од 9,9 поени, 3,6 скока и 1,7 асистенции.

Кениецот, кој важи за одличен шутер со речиси 50-отстотна прецизност во шутевите од поле, е осми кошаркар кој во моментов е под договор со МЗТ, откако претходо потпишаа Кристијан Николов и Бојан Крстевски и ги обновивме договорите со Андеј Магдевски и Андреј Маслинко. Од минатата сезона останаа Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Ранко Мамузиќ. Тренерот Ѓорѓи Кочов продолжува да ја предводи екипата и во следниот шампионат.

- Оглас -

Најнови вести