Кенијска доминација на Скопскиот маратон, Дарио Ивановски трчаше рамо до рамо со нив и заврши трет

Кенијскиот атлетичар, Хилари Чемвоно, е победник на најмасовната манифестација кај нас, Скопскиот маратон. Тој патеката од 42 километри ја мина за 2:13:28, што беше за 25 секунди побрзо од неговиот сонародник, Даниел Кипротич.

Третата позиција му припадна на најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, кој на целта мина со време од 2:16:26. Ивановски речиси 35 километри трчаше рамо до рамо со водечките кенијци, но не можеше до крај да го следи нивниот ритам, па третото место во ваква силна конкуренција е голем успех, со оглед на пехот и повредата која ја имаше на Олимписките игри во Париз.

На машката полумаратонска трка доминираа натпреварувачите од Турција. Прв низ целта мина Џан Хусеин, додека второто место го освои Емектар Мурат со заостанување од 46 секунди. Третото место му припадна на Гедиклиоглу Абдурахман. Најдобар македонски натпреварувач беше Иван Пешовски, кој заврши на шесттата позиција со заостанување од седум минути позади победникот.

Во женска конкуренција, на полумаратонската трка победи Милица Мирчева од Бугарија со време од 1:15:48, што беше побрзо за пет секунди од Греша Бакрачи од Албанија. Третата позиција ѝ припадна на Јулие Ларсен од Норвешка. Од нашите натпреварувачки најдобар пласман имаше Миљана Ристиќ, која за само 50 секунди не успеа да дојде до пиедесталот и финишираше на четвртата позиција.

На рекреативната трка на пет километри, во женска конкуренција победи Ирма Хајдари од АК Делта, додека кај мажите најбрз беше Гилман Јунузи од АК Скопски маратон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести