Кошаркарската федерација на Македонија, односно комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, ги изрече казните за екипите на ТФТ и Чаир, кои играа пријателски натпревар кој беше прекинат поради физичка пресметка помеѓу публиката и кошаркарите.
Екипата на Чаир е казнета со забрана на гледачи на домашен терен на првите три првенствени натпревари, а ќе треба да плати и казна од 48.000 денари. Комесарот утврдил дека гледачите кои се пресметуваат со клупата на ТФТ се симпатизери на Чаир. Дополнително, на еден натпревар е суспендиран и помошник-тренерот на Чаир, Исмаили.
Без публика ќе игра и екипата на ТФТ, но на првите два натпревари, бидејќи не ги исполнила условите за одигрување на натпреварот, односно мечот не бил пријавен во МВР. ТФТ ќе плати и казна од 30.000 денари поради лоша организација на натпреварот.
Суспензија од два натпревари доби и тепаниот кошаркар на ТФТ, Еди Нури, и тоа поради учество во тепачка. Поради фрлање тврд предмет кон публиката, суспензија од еден натпревар заработи и кошаркарот на ТФТ, Наумовски.
Казна заработи и делегатот Теофиловски, кој е суспендиран на два натпревари.
Тоа значи дека екипата на Чаир ќе мора да игра без поддршка од навивачите на натпреварите против Кожув, Шкупи и МЗТ Скопје, додека ТФТ без публика ќе ги пречека Куманово и Кожув.