Кошаркарската федерација на Македонија упати благодарност до кошаркарскиот клуб МКК Куманово, кој во периодот од 13 до 15 февруари во Куманово беше домаќин и организатор на завршниот турнир од Купот на Македонија во машка конкуренција, за беспрекорната организација на овој значаен национален настан.
„Со својата посветеност, професионалност и одговорен пристап, клубот домаќин овозможи натпреварите да се реализираат на високо организациско и спортско ниво, во атмосфера достојна за едно вакво престижно натпреварување.
Посебна благодарност упатуваме и до граѓаните на Куманово, како и до навивачката група Кумани, кои со своето достоинствено, културно и спортско навивање му дадоа значајна поддршка на својот клуб и придонесоа целокупната манифестација да помине во најдобар ред, во духот на ферплејот и спортските вредности.
Воедно, Кошаркарската федерација на Македонија упатува честитки до екипата на МЗТ Скопје Аеродром за освоениот трофеј во Купот на Македонија, како и до екипата на МКК Куманово за освоеното второ место и прикажаните квалитетни настапи.
По подолг временски период, Купот на Македонија повторно беше организиран на високо спортско и организациско ниво, што претставува значаен чекор напред во заедничките напори за унапредување и афирмација на македонската кошарка.
Кошаркарската федерација на Македонија останува посветена на понатамошен развој на домашните натпреварувања и создавање услови за организација на настани достојни на угледот на македонската кошарка“, велат во КФМ.

