Раководството на Македонската кошаркарска федерација објави дека се оградува и го осудува непримерното и националистичко однесување на мал дел од навивачите на натпреварот Македонија – Романија, одигран синоќа во Куманово.
„Таквите постапки не го претставуваат духот, вредностите и идентитетот на нашата федерација, ниту го отсликуваат мнозинството од нашите навивачи, кои секогаш ке бидат пример за спортска култура и поддршка.
Националистички пароли, говор на омраза и поттикнување нетрпеливост немаат место ниту на трибините, ниту во спортот воопшто. Ги повикуваме сите навивачи да се воздржат од слични постапки во иднина, и да дадат свој придонес во создавање на позитивна, безбедна и инклузивна атмосфера на стадионите и салите.
Истовремено, секогаш ќе соработуваме со надлежните институции за идентификација на инволвираните лица како во иднина не би се случувале вакви изолирани настани.
Жалиме што еден таков настан, кој од домаќински и организационен аспект доби највисоки пофалби, сепак од една занемарлива структура на не/навивачи се искористи за НЕСПОРТСКИ потреби.
Повторуваме: спортот обединува – не дели. Нашата заедничка цел е фер натпревар, меѓусебна почит и достоинствено претставување на нашите бои“, се вели во соопштението на КФСМ.