Селекторот на Романија, Мирел Радои, му додели специјална задача на Флорин Танасе постојано да биде крај Џошуа Кимих и тактиката не му беше лоша, но и не донесе посебен ефект на дуелот во Букурешт.
Танасе добро си ја заврши работата да биде полицаец на мечот и постојано да внимава на играчот на Баерн Минхен, а по мечот тоа го призна и самио Кимих.
„Постојано беше до мене и во таква ситуација е потешко да се игра. Се обидував да му побегнам, но Танасе беше упорен“, изјави Кимих.
Тактиката на Радои во тој сегмент беше успешна и му го намали ефектот на Кимих за половина во однос на неговиот учинок на дуелот со Исланд, кога Германците славеа со 3:0.
Џошуа на тој меч имаше 176 допири со топката и 163 додавања со три удари кон голот на гостите, а во победата против Романците бројките драстично паднаа на 93 контакти со топката, со 71 пас кон соиграчите и два удари кон голот на Флорин Ница.
Македонија има играчи што можат да ја копираат тактиката на Радои, но за тоа одлучува селекторот Игор Ангеловски, па ќе биде интересно да видиме дали задутре во Дуисбург, некој од нашите репрезентативци ќе добие задача да биде стриктно до Кимих во текот на мечот.