Кинеската лига е попрималива од Евролигата за тие со амбиција за НБА

Поранешниот кошаркар на НБА, Џимер Фредет, кој беше десетти пик на драфтот во 2011 година, од 2016 е член на Шангај шаркс и вели дека негови колеги постојано му се јавуваат и го прашуваат како е во кинеската лига.

„Постојано ми пишуваат пораки на телефон и по социјалните мрежи. Многу момци сакаат да знаат како може да заиграат во Кина и јас им помагам да си најдат кинески агент, бидејќи ако немате менаџер од тука, ниеден клуб нема да разовара со вас. Кина е прекрасна земја, најдобро нешто што ми се случило“, вели некогашната НЦАА-ѕвезда.

Во ЦБА-лигата во Кина има 20 тима и секој клуб може да има двајца странци (само еден клуб нема странци), а во последната четвртина смее да игра само еден. Сезонава во Кина играат ексиграчи на НБА, како: Фредет, Донатас Мотиејунас, Брендон Бас, Марис Спејтс, Џејсон Томпсон, Пјер Џексон и Ендрју Николсон.

Кинеските тимови плаќаат подобро од тие во Евролигата, затоа низ кинеските клубови минаа НБА-ѕвезди, како: Марбери, Мекгрејди, Аринас, Френсис, Ворлд Пис, итн. Им плаќаат авионски билети до САД, им даваат по 1.500 долари месечно за исхрана по ресторани, спијат во хотели со пет ѕвездички.

„Речиси за сите играчи кои не се во НБА, прв избор е Кина. Во Кина нема многу странци кои се без искуство во НБА. Мислат дека само ако некој играл во НБА, е добар кошаркар. Многумина имаат милионски договори, дури и пониските плати се солидни. Покрај тоа, сезоната е релативно пократка,и трае шест до седум месеци, па по нејзиното завршување, играчот може да замине во НБА до крајот на сезоната. Во Евролигата се игра 9-10 месеци“, вели еден менаџер кој сакаше да остане анонимен.

Како најнегативна работа е тоа што многу често ги менуваат странците и ретко кој останал долго време таму. Оваа сезона избркан беше докажаниот во НБА, Ал Џеферсон. Ако не играш „ѕверски“, брзо добиваш отказ и затоа некои лигата ја нарекуваат кошаркарски „Див Запад“.

 

- Оглас -

Најнови вести