МЗТ Скопје Аеродром нема да настапи на турнирот во кинескиот град Чонкинг (29 август-1 септември), кој требаше да биде главен предизвик за македонскиот кошаркарски првак во подготвителниот период за новата сезона.
Неодамна, неочекувано, од организаторот Металците добиле информација дека поради работи кои се надвор од нивна контрола, морале да ја ревидираат листата на учесници и дека на турнирот најверојатно ќе играат само тимови од Кина.
„Така барем ни беше кажано од нивна страна, со цел да се оправда прекршувањето на веќе потпишаниот договор. Ваквиот неочекуван потег дојде во лош момент за нашиот стручен штаб, кој целокупниот распоред на пријателски средби го „врзаа“ токму со гостувањето во Кина. Во скоро време ќе биде објавена и ревидираната листа контролни мечеви, со напомена дека токму поради турнирот во Чонкинг пропуштивме низа пријателски средби против реномирани ривали надвор од Македонија“, велат аеродромци.
Новата сезона за Сино-белите почнува на 24 септември, кога во „Јане Сандански“ ќе гостува црногорскиот Теодо на стартот од АБА 2 лигата.