Кинтеро победи на првата етапа од релито Дакар, откако му ја уважија жалбата за загубеното време

Часови по завршувањето на првата етапа на рели „Дакар“, денеска се промени пласманот во категоријата автомобили, при што победник беше прогласен Сет Кинтеро (Тојота). Првично, на првото место заврши Герлен Шишери (Мини), но организаторите му го вратија загубеното време на Кинтеро, со што тој стана победник.

Кинтеро загуби време затоа што застана кон крајот на етапата за да и помогне на Лаја Санс, која имаше несреќа. На целта, тој заврши втор, со 50 секунди зад Шишери. Но, судиите му вратија 95 секунди поради доцнењето, и така тој заврши на првото место со предност од 45 секунди пред францускиот пилот на X-Raid.

Прва етапна победа за Кинтеро
Ова е прва етапна победа за Американецот во генералниот пласман. Во 2024 година тој дебитира меѓу најсилните автомобили во класата Ултимејт, откако претходно учествуваше трипати во категоријата Челенџер.

„Имавме одличен ден. Започнавме од 26-то место и напредувавме низ многу прашина“, изјави Кинтеро. „Сакавме да ни го вратат изгубеното време и задоволен сум што судиите го уважија барањето. Ова е само првата етапа, има уште 13 и ќе биде интересно.“

Инцидентот на Лаја Санс
Лаја Санс се преврте на 330 километри од стартот на етапата. Таа и нејзиниот навигатор Маурицио Герини удрија во голем камен кој не го забележале во облаците прашина.

Подоцна, Санс објасни дека само 20 километри од стартот останала без трета брзина, навигационите инструменти ѝ откажале во прашливите услови, а 70 километри пред целта на 412-километарската етапа се случила несреќата. Тие не успеале да го поправат автомобилот и морале да го чекаат сервисниот камион. Не е сигурно дали Санс ќе може да продолжи со натпреварувањето.

- Оглас -

Најнови вести