Ракометната Лига на шампиони влегува во завршна фаза за оваа сезона, два од четирите први четвртфиналните натпревари се играат вечерва, а иако денеска нема да игра Вардар (утре го пречекува ПИК Сегед), македонската јавност ќе ја интересира исходот на останатите двобои.
Вечерва, Дејан Манасков, Арпад Штербик и другарите од Веспрем од 19 часот против Фленсбург ќе се борат за што подобар резултат кој ќе им ја отвори вратата за ново учество на Ф4 и да ја остават Германија трета година по ред без свој тим на завршниот турнир во Келн. Иако е германски тим, кај Фленсбург нема многу германски ракометари кои добиваат шанса да заиграат.
Од 20.45 часот, Кирил Лазаров и неговиот Нант во својата сала ја пречекуваат силната Барселона. Во редовите на Нант има четворица поранешни играчи на Барса, тоа се Лазаров, Гурбиндо, Балагер и Ривера, па и тука може да има неизвесност и голема борба. Во регуларната сезона, Нант дома ја победи Барса со 29-25, а во Каталонија беше 31-25 за Барса.
Македонскиот десен бек со 70 гола е прв стрелец на францускиот тим и од него се очекува да биде предводник на Нант против екипа која во 2019 година има само еден пораз.