Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, влезе во Куќата на славните на ЕХФ, која Европската ракометна федерација вечерва на свечена манифестација ќе ја отвори во чест на јубилејниот 30-ти роденден.
Лазаров е меѓу првите 30-мина ракометари кои влегоа во Куќата на славните. Тој заедно со Олафур Стефансон и Ласло Наѓи се тројцата десни бекови кои ќе бидат први членови во Куќата на славните.
Лазаров е единствен Македонец на оваа листа, а меѓу 30-темина кои исто така станаа членови на Куќата на славните се и големи ракометни имиња како поранешниот голман на Вардар, Арпад Штербик, Тиери Омејер, Ивано Балиќ, Драган Шкрбиќ, Момир Илиќ, Даниел Нарцис, Штефан Кречмар, Гудјор Валур Сигурдсон, Филип Јиха, Виктор Томас, Магнус Висландер, Вид Кавтичник, Талант Душебаев…
Кај дамите, „жители“ во Куќата на славните ќе станат македонската снаа Едуарда-Аморим Талеска, која три години играше за Кометал ЃП, како и Ања Алтхаус, која настапуваше за ЖРК Вардар.