Многумина познавачи на европскиот и светски ракомет останаа изненадени кога Вардар застана на тронот во Келн пред два дена. Ретко кој веруваше дека Вардар со финансиските проблеми со кои се соочи, ќе може да најде сила и мотив да покаже дека во Скопје се собрани најдобрата група ракометари во Европа.
Капитенот на Македонија, Кирил Лазаров, даде свое мислење околу тоа што сезонава се случи во Лигата на шампиони.
„Ова е бајка. Приказна за која ќе се зборува со години. Вардар стана симбол на тоа дека е можно да се направи тоа за кое многумина веруваат дека е невозможно. Вардар стана инспирација на луѓето во светот, не само на спортистите, туку на сите аутсајдери, да сфатат дека најважно во животот е да се верува, крваво да се работи и да се даде последната капка крв и пот, за да се остварат зацртаните сонови. Вардарци седум-осум месеци немаат примено плата. Лесно ни е на нас сега да мудруваме, но единствено вистинската приказна може да ви ја раскажат оние кои тоа го почувствувале на своја кожа како е да се живее и работи во такви услови. Пред две години кога беа прваци, Вардар имаше страшен тим, беше финансиск моќен и не беше изненадување за тоа што се најдоа на тронот на Европа. Тоа што сега се случи е нешто сосема поинаку. Во последниве месеци си заминаа неколку играчи како што се Циндриќ, Штербик, Борозан и Душебаев. Никој не даваше ни грам шанси дека овој Вардар може да игра на фајнлфорот, а не па да се радува на титулата“, вели Лазаров, во колумната за „Индекс.хр“.
Еден од најдобрите играчи во светот во последниве 15-тина години, вели дека сите млади играчи треба да научат од примерот на Вардар.
„Вардар испрати моќна порака на сите млади спортисти кои постојано имаат некои препреки или алиби ако не го остварат зацртаното. Нема веќе оправдувања дека „управата не ме сака“, како се нема пари во клубот, како соиграчите не чинат, како противникот има многу поголем буџет и поквалитетни играчи. Вардар покажа дека се е можно и неговата приказна треба да биде патоказ на сите оние млади ракометари и да веруваат во чуда.Македонец сум и горд сум што една ваква приказна доаѓа од македонски клуб. Вардар е институција во Македонија, институција многу поголема од самиот клуб.. Вардар во Македонија е тоа што се Динамо и Хајдук во Хрватска.“, заврши Лазаров, кој додаде дека во иднина очекува повторно да има силен и квалтитетен играч.