Кисељев: Мечот со Мешков ќе биде тежок

Вардар и без тројцата повредени бекови оди на победа во дербито од СЕХА-лигата против Мешков Брест, кој се игра денеска, со почеток во 17.15 часот во СЦ „Јане Сандански”. Вардарци се бранители на трофејот во регионалното натпреварување и имаат обврска на секој меч да атакуваат на освојување на три бода.

На листата на повредени се наоѓаат Кристијан Дисингер, Вуко Борозан и Сергеј Горбок. Тие нема да играат на средбата против белорускиот првак, која е последна за Вардар пред домашна публика во СЕХА-лигата.

Димитри Кисељев вели дека мечот против Мешков е важен за двата тима. На Белорусите им треба победа за да останат на четврто место, кое носи пласман на фајнал форот. Ова е четврти меѓусебен дуел на тимовите сезонава. Во СЕХА победи Мешков, во ЛШ по еднаш славеше Вардар и одиграа нерешено.

„Знаеме дека Мешков Брест има добар квалитет и секогаш е тешко да се игра против нив. Тие се многу солидна екипа и имаат одлични поединци. Затоа мислам дека ќе биде многу интересен натпревар кој е важен и за Вардар и за Мешков, кои постојано играат во СЕХА-лигата и Лигата на шампионите”, изјави Кисељев.

Сите што имаат билет од мечот од Лигата на шампионите помеѓу Вардар и Монпелје можат овој дуел со Мешков да го проследат бесплатно. Во Вардар се задоволни од одѕивот на акцијата „купи еден билет – гледај два натпревари”. Овој меч со Мешков е добра подготовка пред пресметките со стариот познаник ППД Загреб во осминафиналето на елитното европско натпреварување.

- Оглас -

Најнови вести