Во италијанската Серија А викендов ќе се играат мечевите од третото коло, а веќе се очкеува првото големо дерби. Најтрофејниот клуб во италијанското првенство Јувентус ќе биде домаќин на Интер. Мечот кој го носи епитетот Дерби на Италија се игра утре од 18 часот.
Јувентус одлично започна и по првите две кола има максимални шест бодови, а Старата дама уште нема примено ниту еден гол. За разлика од тимот од Торино, Интер во првото коло беше убедлив и победи со 5:0 над Торино, но потоа непријатно беше изненаден од Удинезе и дома загуби со 1:2.
„Тимот тренира добро. Многу од играчите беа со своите национални тимови и денес е првиот ден кога сме сите заедно. Важно е сите да бидат добро и подготвени за овој натпревар. Се работи за меч од третото коло, нема потреба да им даваме толку големо значење на работите во моментов. И двата тима се свесни за важноста на Дербито на Италија. Мора да бидеме смирени, да имаме правилен став и да ја пронајдеме вистинската енергија за да ги искористиме нашите моменти во натпреварот, вели тренерот на Интер, Кристијан Киву.
Романскиот стратег потенцира дека трката во првенството е многу долга и ова е само почеток.
„Ова е маратон, не е важно дали ќе изгубите на почетокот или подоцна. Никогаш не се вртам назад, гледам само во сегашноста за да се подобрам утре. Сите сме свесни за важноста на ова дерби. Секогаш има подеми и падови. Кога работите не одат добро, мора да ги измиете рацете и повторно да ги засукате ракавите. Постои само еден начин – да учите од грешките и да одите напред“, вели Киву во пресрет на дербито, додавајќи: Не сум тука за да свртам сè – тоа е невозможно. Ова е тим кој отсекогаш бил на врвот на италијанскиот и европскиот фудбал. Само треба да додадеме некои елементи за да ја вратиме страста и самодовербата во сопствената сила. Исто така и вистинската енергија. Треба да ја пронајдеме вистинската енергија и мотивација за целите“.