Џорџо Кјелини е цела вечност во Јувентус, а најавено е дека авантурата со Старата дама ќе ја продолжи до јуни 2022 година. Се очекува 36-годишниот стопер да го продолжи договорот со најтрофејниот италијански клуб за уште една сезона.
Кјелини е член на Јувентус од 2005 година и една од иконите на клубот од Торино. Освои дури 9 шампионски круни во Серија А, навивачите на Јуве особено го ценат потегот на Џорџо да игра за клубот и кога беше во Серија Б, во сезоната 2006/07, а има уште 10 пехари вкупно во Копа Италија и во Суперкупот.
Кјелини моментно е со репрезентацијата на Италија на Европското првенство и ќе игра во полуфиналето против Шпанија во обидот да ја освои првата титула на големите натпреварувања, откако беше член на генерацијата што го загуби финалето на ЕП во 2012 година со пораз токму од Црвената фурија со 0:4.