Џорџо Кјелини, кој по 100-ти пат настапи во дресот на италијанската фудбалска репрезентација, по ремито на „аѕурите“ против Португалија искажа комплименти за својот колега Пепе. Дефанзивецот на Јувентус имаше позитивни зборови и за Бернардо Силва, но посебно го истакна професионализмот на Пепе, кој по Порто и Реал Мадрид, премина во Бешикташ.
„Пепе цела деценија беше многу важен играч за Реал Мадрид, изненаден сум што игра за Бешикташ. Годините си поминуваат, старееме, но мислам дека тој уште го има задржано високото ниво на квалитет. Тој е вистински пример за останатите, исто како и Бернардо Силва“, изјави Кјелини по мечот на кој Португалците се пласираа на завршницата од Лигата на нациите.
Пепе е роден во Бразил пред 35 години, но од 2007 е репрезентативец на Португалија и има над 100 настапи во дресот на националниот тим на актуелниот европски првак.