Португалската мегаѕвезда Кристијано Роналдо константно ги воодушевува своите колеги во Јувентус по неговата летна преселба од Мадрид во Торино. Последен со пофалби се истакна Џорџо Кјелини, кој за Кристијано вели дека ќе игра на врвно ниво и на 40 години.
„Кристијано не е посебен само по фактот што прв доаѓа на тренинг, туку што прави за време на тренингот. Тој со неговиот менталитет ги тера останатите да го подигнат нивото на работа. Откако пристигна тука, се трудеше што побрзо да се вклопи во нашиот систем, како и на играта во Серија А. Уверен сум дека ќе „гази“ и на 40 години, за разлика од мене. Како сега, така и во иднина ќе ја прави разликата на секој натпревар“, истакна Кјелини за италијанските медиуми.
Роналдо сезонава настапи вкупно на 15 меча во сите конкуренции за Јуве, постигна девет погодоци и асистираше на пет. Според договорот кој го потпиша со „старата дама“, до самото завршување Роналдо ќе има 37 години, но според она што сите го гледаме, таа бројка и тогаш нема да му биде проблем.