Кјеза: Кога го видов „Енфилд“ од авион, ѝ реков на жена ми: „Пушти ја You’ll Never Walk Alone“

Федерико Кјеза официјално стана член на Ливерпул и веднаш даде интервју за клупскиот сајт во кое откри неколку интересни работи.

Италијанецот досега нема играно на култниот „Енфилд“, а сега ќе има прилика да настапува на овој стадион како домашен играч. Неговиот татко Енрико има дадено гол за Италија на „Енфилд“ во 1996 година против Чешка.

„Го знам тој гол, дома имаме слика од радоста на татко ми по тој гол, но искрено не знаев дека погодокот бил постигнат на ‘Енфилд’. Кога му кажав дека за мене се интересира Ливерпул, татко ми само ми кажа: Оди, тоа е најдобар избор за твојата кариера!“, вели Кјеза, кој досега во кариерата играл за Фиорентина и Јувентус.

Кјеза додаде дека не одбил да го продолжи договорот со Јуве бидејќи не ни добил таква понуда, му било кажано дека не е во плановите на клубот.

Кјеза во Ливерпул ќе го носи дресот со бројот 14, кој го носеше и во репрезентацијата.

„Пред да слета авионот, го видов ‘Енфилд’, штом го видов, ѝ реков на жена ми: Пушти ми ја песната You’ll Never Walk Alone затоа што сакам да се замислам себеси како играм таму и го слушам скандирањето на навивачите“.

 

- Оглас -

Најнови вести