КК Пелистер се закани дека ако нема минимум услови нема да го одигра мечот против МЗТ Скопје Аеродром

По пауза од 20-тина дена, денеска повторно продолжија возбудувањата во кошаркарското првенство на Македонија. ТФТ Скопје славеше над Гостивар со 77:71, а Чаир го победи Феникс со 85:82. За утре се закажани уште четири меча, а од екипата на Пелистер најавија дека е можно да не го одиграат дербито против МЗТ Скопје Аеродром кое треба да се игра во „Јане Сандански“ во Скопје.

Битолчани преку соопштение побараа дека мечот треба да се одигра во затоплена сала и да бидат исполнети минималните пропишани услови за играње на еден дуел. Во продолжение во целост ви го пренесуваме соопштението на КК Пелистер.

„Почитувани,

Имаме причина за задоволство што КФСМ што ја препозна добронамерноста на нашиот предлог и реши да повлече конкретни потези за решавање на големиот проблем со ледените сали во кои се играат кошаркарските натпревари во Македонија.

Сметаме дека овој проблем мораше да биде решен уште пред подолго време и нема време за чекање, па затоа ја информираме спортската јавност дека КК Пелистер нема намера да чека уште една недела за пропишаните пропозиции целосно да бидат испочитувани.

Очекуваме на следниот натпревар на нашиот тим, дербито со МЗТ Скопје, да има барем минимална температура согласно пропозициите на КФСМ. Во спротивно, јасно ставаме до знаење дека КК Пелистер нема да го игра овој натпревар. Согласно правилата, ако температурата е под минималната би можела да се игра доколку има согласност од двата тима, но сметаме дека е време да се стави крај на овие „дупки“ во законот“ и ние однапред јасно кажуваме дека таква согласност нема да дадеме.

Сакаме да биде јасно, ние не сакаме победа надвор од терен над големиот ривал, па воопшто нема да бараме службен триумф, туку ако мечот не биде одигран утре како што е планирано, ќе инсистираме да се најде термин и место каде оние минимални услови за играње кошарка би биле задоволено за големото дерби од последните неколку сезони да биде играно како што доликува.

Исто така, апелираме до раководството на КФСМ кога веќе планира од следната седмица целосно применување на пропозициите за сите клубови во сите сали, онаа минимална температура да се крене согласно пропозициите на ФИБА, на 16 степени целзиусови. Сметаме дека сите се согласни, сегашната норма од 12 степени наведена во пропозициите на федерацијата не може да се смета за „нормален услов за играње на кошаркарски натпревар“.

Уште еднаш потенцираме, проблемот не се однесува само на температурата во салите (што секако е проблем број 1), туку и на останатите основни предуслови кои ги потенциравме во претходните соопштенија.

- Оглас -

Најнови вести