Кошаркарите на Работнички ги загубија двата натпревари на турнирот во Крајова, но турнирот во Романија покажа дека клубот летово ангажирал одличен играч на бековската позиција и поентер кој ќе биде проблем за одбраните на останатите тимови во нашата прва лига.
Хејден Лесколт, кој дојде во Работнички како прв стрелец на австриската лига, во полуфиналето против Крајова на тренерот Александар Тодоров даде 28, а денеска во дуелот за трето место против Динамо Букурешт 25 поени. Со вкупно 53 поени, тој доби признание за кошгетер на турнирот.
Инаку, Работнички загуби убедливо од Крајова со 68-91, додека против Динамо поразот беше со 75-87. Во тимот на новиот тренер Димитар Мираковски денеска се истакна и Теодор Атанасов со 24 поени, додека против Крајова 11 поени даде Двејн Бенџамин.