Класиката без Меси, но и Лев си има голема мака

Аргентинскиот селектор Лионел Скалони нема да смета на Лионел Меси и Серхио Агуеро за вечерашната пријателска средба против Германија, па веќе одлучи со кои 11-мина ќе го започне натпреварот кој е вистинска класика во светскиот фудбал.

Аргентина и Германија меѓу себе играа финалиња на Мундијалите во 1986, 1990 и 2014 година и иако не се од ист континент, тие се големи ривали, па двата тима ќе сакаат да победат, иако станува збор само за пријателски меч.

Двајцата фудбалери кои постигнаа голови на дербито Интер – Јувентус ќе го предводат нападот на Гаучосите. Тоа се Лаутаро Мартинес и Пауло Дибала. Шанса ќе добие и голманот на Порто, Маркезин. Ги нема и Ло Селсо, Акуња, голманот Армани, но Аргентина си е Аргентина.

Германскиот селектор Јоаким Лев има големи проблеми околу составувањето на екипата бидејќи му фали цел еден тим од 11 фудбалери. Повредени се: Дракслер, Гинтер, Горецка, Гундоган, Ектор, Керер, Крос, Рудигер, Сане, Шулц и Вернер.

По откажувањето на Тони Крос, селекторот го повика Суат Сердар, па играчот на Шалке ќе добие шанса да дебитира во сениорскиот национален тим на неговата родна земја откако играше за сите селекции на Германија од 16 до 21 година.

- Оглас -

Најнови вести