Клаудио Пизаро со високо крената глава ја заврши кариерата

Клаудио Пизаро, кој со 41 година беше највозрасен фудбалер во Бундеслигата, синоќа ја заврши кариерата. Неговиот тим Вердер во бараж избори опстанок во елитната германска лига, па човекот кој постигна 197 гола, од кои 153 како играч на Вердер (109 му се во Бундеслигата), каде што е прв стрелец во клупската историја, задоволен го напушта фудбалот.

Пизаро уште лани најави дека оваа сезона ќе му биде последна во кариерата. Тој не играше на двобоите со Хајденхајм, но тоа воопшто не ја намалува неговата големина. Останува запишан како најстар стрелец во историјата на Бундеслигата. Перуанецот е шести стрелец во историјата на Бундеслигата, а ќе остане запаметен и по многу долгата кариера. Тој во Германија првпат заигра во 1999 година, кога потпиша за Вердер од Бремен, клубот во кој и се прости од активното играње. Рекордер е по бројот на календарски години (21) во коишто давал гол во Бундеслигата.

Пизаро во Германија освои шест шампионски титули, сите со Баерн Минхен, освои и шест купа, пет со Баерн и еден со Вердер, а во дресот на баварскиот гигант стана и европски првак во 2013 година. Сезонава за Вердер одигра 19 меча и даде два гола, двата во Купот на Германија. За репрезентацијата на Перу имаше 85 настапи и 20 гола.

- Оглас -

Најнови вести