Клаудио Раниери е назначен за нов тренер на Рома. Италијанскиот стратег доаѓа на местото на Еузебио ди Франческо кој вчера доби отказ. Ди Франческо е избркан откако не успеа со Рома да го помине Порто во осминафиналето од Лигата на шампионите. Дури по 210 минути игра, Порто беше подобар за еден гол од италијанскиот калчолигаш.
Раниери неодамна беше избркан од Фулам, откако не успеа англискиот премиерлигаш да го „помрдне“ од зоната за испаѓање во првенството. За 67-годишниот стратег ова ќе биде втор мандат во Рома.
„Воодушевени сме што може да објавиме дека Клаудио Раниери е нов тренер на Рома. Целта на Рома во оваа сезона е да завршиме на што е можно подобра позиција и да се квалификуваме во Лигата на шампиони. Веруваме дека Раниери е способен да ги мотивира играчите и од нив да го извлече максимумот“, вели претседателот на Рома, Џејмс Палота.
Рома моментно има 44 бодови и е на петото место на табелата, што значи дека не е на посакуваната позиција. Освен челниците на италијанскиот клуб, и самиот Раниери е задоволен што повторно се враќа на „Олимпико“ во Рим.
„Кога ја добив понудата од Рома, невозможно беше да се одбие. Мило ми е што се враќам дома“, рече Раниери, кој беше предвоник на екипата и во периодот од 2009 до 2011 година.
Освен во Рома, Раниери бил тренер и на Фулам, Лестер, Челзи, Нант, Монако, Интер, Парма, Валенсија, Атлетико Мадрид, Фиорентина, Јувентус.