Поранешниот селектор на Германија, Јирген Клинсман, смета дека неговата земја има реална шанса да го освои Светското првенство во 2026 година. Во интервју за „Скај Германија“ тој изјави дека Мундијалот ќе претставува голем предизвик за сите учесници, но ја гледа Германија како сериозен кандидат за трофејот.
„Сè е можно. Германија е меѓу фаворитите, заедно со другите големи европски репрезентации. Потоа тука се и двата гиганти Бразил и Аргентина, кои исто така ќе играат голема улога“, истакна 61-годишниот стручњак.
„Овој турнир ќе биде вистински маратон за сите тимови. Но, зошто да не го поминеме тој маратон до крај и можеби да изненадиме со титула“, додаде Клинсман.
Јирген Клинсман како фудбалер ја освои светската титула со Германија во 1990 година, а со националниот тим ја прослави и европската титула во 1996 година. Тој беше селектор на Бундестимот на домашното Светско првенство во 2006 година, кога Германија заврши на третото место. Подоцна, Клинсман се врати како тренер на САД во 2014 година, кога Германија ја освои последната титула под водство на неговиот поранешен асистент, Јоаким Лев.
Германија, четирикратен светски шампион, беше елиминирана уште во групната фаза на последните два Мундијали, во 2018 и 2022 година. Сега тимот на Јулиан Нагелсман ќе се соочи со Брегот на Слоновата Коска, Еквадор и дебитантот Курасао во групната фаза на претстојниот турнир.

