Клоп: Ако ги добиеме сите мечеви до крајот, можеме да станеме шампиони

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, останува позитивен во размислувањата околу борбата за титулата во Премиер лигата и верува дека ако Црвените ги добијат сите преостанати шест меча, можат до посакуваната титула.

Ливерпул се наоѓа во лоша серија, по ремито со Манчестер јунајтед, дојдоа два шокантни порази дома од Аталанта и Кристал палас, а иако синоќа победија со 1-0 во Бергамо, тоа не беше доволно да продолжат во полуфиналето на Лигата на Европа.

Црвените синоќа конечно по серија од 10 меча, одиграа средба без примен гол.

„Судбината на титулата не е во наши раце. Сметам дека имаме добри шанси да станеме шампиони на крајот, ако ги добиеме сите шест двобои коишто ни останаа. Може да ни бидат доволни и пет победи, којзнае? Можеше ли некој да претпостави дека Арсенал ќе загуби од Астон вила? Сите велат дека Сити ќе ги добие сите свои мечеви до крајот на сезоната, тоа е нешто кое го правеле, но имаат уште многу мечеви против тешки противници“, изјави Клоп.

Ливерпул в недела игра со Фулам, а Клоп има искуство од минатото кога на ваков начин ја губеле титулата.

„Ја губевме титулата за еден бод, сме биле во ваква ситуација да го бркаме лидерот и знаеме што треба да правиме, а што не треба. Ако сакаш да си шампион во Англија, треба да си блиску до перфекција. Имавме проблеми на последните мечеви и тоа не ни се допаѓа. Особено резултатите беа лоши, но сега треба да ги свртиме работите во наша полза, клучно е да бидеме убиствени во последната фаза“, додава Германецот, кој по завршувањето на сезонава си оди од клубот.

- Оглас -

Најнови вести