Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, поучен од некои искуства од минатото, знае дека предноста која ја имаат неговиот тим и Арсенал во однос на Манчестер сити, не гарантира дека Граѓаните сезонава ќе останат без титула во Премиер лигата.
Арсенал е на плус шест, а Ливерпул на плус четири бода пред Сити по 15 кола. Актуелниот првак е во криза, четири кола по ред не знае за победа, но тие во минатото покажаа дека може да станат прваци и по поголема бодовна негатива од сегашната.
„Ако некој го отпишува Манчестер сити од борбата за титулата, тоа е најголемата смешка во историјата на фудбалот. Арсенал е претендент, тука сме ние, Астон вила се претставува во одлично светло, а и Јунајтед исто така е во борбата иако можеби не играат како што некои сакаат. Но, освојуваат бодови како луди! За Челзи не сум сигурен дека може да се вмеша во битката за врвот, но тие се тежок противник. Треба да имаш и малку среќа, особено со повредите“, смета Клоп.
Клоп додава дека во последните години најчесто имаше два тима кои се бореа за титулата, а сега се повеќе и тоа не го радува како тренер.
„Не знам кој ќе биде првак, има уште многу да се игра, има голем притисок, прашајте ме за овие работи повторно во април“, порача Германецот.