Клоп: Ако некој играч побара да си замине затоа што нема да играме во ЛШ, јас лично ќе го однесам во новиот клуб

Ливерпул ја има најлошата сезона откако за тренер дојде Јирген Клоп и Црвените од „Енфилд роуд“ прв пат нема да играат во Лигата на шампиони. Поради оваа лоша сезона, првата ѕвезда во екипата, Мохамед Салах беше многу разочаран, па египетскиот репрезентативец испрати порака преку социјалните мрежи.

„Разочаран сум. Нема оправдување за ова. Имавме се што е потребно за да се избориме за место во Лигата на шампиони, но не успеавме. Ние сме Ливерпул и минимум што треба да направиме е да играме во ЛШ“, напиша Салах во дел од пораката.

По оваа порака, започнаа шпекулации дека Салах сака да си оди од Ливерпул затоа што нема да игра во ЛШ, но Клоп тврди дека не е така. Германскиот стратег најави дека на ниту еден играч нема да му стои на патот ако сака да си замине, затоа што нема да играат во ЛШ следната сезона.

„Доколку дојде играч и ми каже дека сака да си оди затоа што не сме се квалификувале во Лигата на шампиони, лично ќе му се понудам да му најдам нов клуб и да го одведам таму. Ќе ги земам клучевите од автомобилот ќе го земам и ќе го прашам каде треба да го одвезам. Не би можел да разберам ако некој играч така размислува. Замислете сега јас да речам дека не сме се пласирале во ЛШ и сакам да си одам поради тоа. А јас сум одговорен за тоа што се случи. Не смее да се замине во еден ваков момент. Мислам дека пораката на Салах не беше таква“, рече Клоп.

Во последното коло за оваа сезона Ливерпул утре ќе игра против Саутхемптон.

- Оглас -

Најнови вести