Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вели дека доколку неговиот тим не бил во добра форма, англиската Премиер лига веќе ќе била досадна и Манчестер сити веќе ќе славел титула.
„Нема дилема дека Премиер лигата е најсилното првенство во светот и голема чест ми е што сум дел од него. Ако не бевме ние, Манчестер сити во последните две-три години ќе беше шампион уште во февруари. Ако пак овој тим на Манчестер сити не беше во ова првенство, ние ќе бевме многу блиску до титулата“, вели Клоп.
Манчестер сити е лидер со 69 бодови, додека Ливерпул е втор со 63 бодови, но има и меч помалку. Трет на табелата е Челзи со заостанување од 16 бодови, но лондонскиот тим има и два меча за доигрување. Клоп вели дека токму дуелите со екипите кои ги води Пеп Гвардиола му се најтешки, потсетувајќи се и на нивното ривалсто во германската Бундеслига.
„Можам да ви кажам дека Сити е најтешкиот противник против кого сум се борел за титулата, но не треба да заборавиме дека сум го имал против себе и Баерн Минхен со Пеп Гвардиола. Има уште многу мечеви за играње до крајот и ќе видиме што ќе се случи“, вели германскиот стратег на чело на гигантот од „Енфилд роуд“.