Ливерпул ја прекина перфектната низа од седум победи на својот „Енфилд роуд“ и првпат сезонава не ги освои трите бода во Премиер лигата. Вест Бромич албион е тимот кој најде против игра за моќниот Ливерпул и на крајот дуелот заврши 1:1. ВБА има само осум бода од 15 меча, што само потврдува колку големо изненадување е вчерашното реми.
Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, се пожали дека противникот играл „бункер“ и без ниту еден напаѓач, но ВБА на крајот сепак успеа и да постигне гол за нерешено.
„Никој не може да очекува дека еден тим ќе игра вака како што играше ВБА. Тие беа во формација 6-4-0, или како и да се вика тоа. Неверојатно е да се игра 90 минути против екипа која со сите 10-мина фудбалери се брани. Како може да се создаде акција за гол во таква ситуација?“, се жалеше Клоп, кој на крајот, сепак, призна дека ВБА заслужено освоил бод.
Тоа што беше интересно е дека ВБА на почетниот удар всушност како да постави формација 2-1-7, односно дури седуммина фудбалери беа во напаѓачка формација на стартот, и тоа сите на десната страна од игралиштето.