Ливерпул е клубот кој со најголемо нетрпение го очекуваше продолжувањето на првенството во Англија. Гигантот од „Енфилд роуд“ имаше сезона како од соништата која малку недостасуваше да се претвори во кошмар, ако беше прогласено поништување поради пандемијата со Коронавирусот. На крајот сепак победи фудбалот и по пауза од повеќе од 100 дена, Премиерлигата продолжи, а со тоа на големо се вратија шансите дека Ливерпул ќе се израдува на титулата.
По досега одиграните 29 меча, Ливерпул има неверојатни 27 победи, а само еднаш одигра нерешено и еднаш загуби, па затоа има дури 22 бода пред второпласираниот Манчестер сити. На Ливерпул му се потребни само уште две победи за и официјално да биде првак без никакви други калкулации и гледање на резултати на ривалите.
Можеби и нема подобар начин за враќање на теренот на Ливерпул, од тој со дуел против градскиот ривал Евертон. Мечот се игра на „Гудисон парк“, но за жал без публика. Ова ќе биде 236-то Мерсисајд дерби, а Ливерпул е голем фаворит, но тренерот Јирген Клоп е претпазлив.
„Не знам дали сме 100 отсто подготвени за мечот, но и Евертон е во иста позиција. Ако наидеме на проблеми, во текот на дуелот ќе се обидеме да ги решиме.Имавме дури девет недели во кои не правевме ништо. Потоа играчите започнаа со тренинг и се обидуваме да ја вратиме формата. За жал фудбалот не е како возење велосипед, но се надевам дека брзо ќе влеземе во вистинскиот ритам. Дуелот против Евертон ќе биде навистина посебен“, вели Клоп.