Клоп и Гвардиола се скараа

Ливерпул и Манчестер сити денеска и утре имаат обврски во Лигата на шампионите, но двата англиски клуба како да се фокусирани на дербито кое ќе биде в недела, во Премиер лигата. Ливерпул ќе биде домаќин на Манчестер сити, во меч на двете екипи кои се борат за титулата во англиското првенство.

Иако има уште неколку дена до тој натпревар, веќе започна да се загрева атмосферата. Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, го обвини Садио Мане дека многу вешто глумел сакајќи да изнуди пенал на последниот меч против Астон вила. На тој меч, Мане беше херој за Ливерпул постигнувајќи погодок во 90+4 минута за победа.

„Мане има неверојатен талент. Има талент за фудбал, но и за глума. Сепак, најважно е што знае и да даде важни голови во судиското надополнување“, рече стратегот на Сити за играчот на Ливерпул.

На обвинувањата дека Мане глуми фаули, веднаш реагираше менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

„Не можам да верувам дека тоа го има кажано. Не знам дали зборува конкретно за Мане или за нашиот тим општо, но ни едното ни другото не е добро. Не знам само каде успеа да ја види ситуацијата со Садио и тоа да го каже веднаш по завршување на нивниот натпревар. Што се однесува до ситуацијата на Мане, имаше контакт. Можеби не беше за пенал, но контакт имаше. Сигурен сум дека и Сити исто ќе реагира во таква ситуација“, рече Клоп.

Ливерпул вечерва на „Енфилд роуд“ игра против Генк.

 

- Оглас -

Најнови вести