Клоп: Играњето против Атлетико е една од најтешките работи во животот

Јирген Клоп пред секој меч се труди да даде изјава која ќе остане запаметена, па во пресрет на битката со Атлетико во Мадрид од осминафиналето во Лигата на шампионите тренерот на Ливерпул порача дека играњето против тимот на тренерот Диего Симеоне е една од најтешките работи на светот на фудбалот.

„Да се игра против Атлетико, е една од најтешките работи во животот на еден фудбалер. Овој меч ќе биде пеколен тест за нас, играме против тим кој знае да игра на резултат. Можеби имаат сезона на транзиција, но полни се со интензитет, цврстина, класа. Не се согласувам дека не играат атрактивно. Тие се од земјата на тики-таката“, рече Клоп, чиј тим е актуелен првак на ЛШ и не знае за пораз во Премиер лигата.

Според Клоп, Ливерпул не е прв фаворит за титулата во ЛШ.

„Сакам притисок, но не ги сакам оние психолошки игри. Ако кажав дека според мене Јувентус е фаворит, тогаш тоа е така, но не го кажав тоа за да си играм со Сари“, додава Клоп.

Чоло Симеоне вети голема борба, а добра вест му е враќањето на Диего Коста, кој тренира нормално и веројатно ќе биде на теренот на „Ванда Метрополитано”.

„Ливерпул е одличен тим со супер тренер, играат многу добро. Иако си замина Кутињо, Ливерпул продолжи да игра одлично, имаат феноменални играчи. Јас и Клоп имаме некои заеднички работи. Тој прави така, тимовите секогаш да му играат различно. Се подготвуваме со страст и оптимизам како пред дуели со Барселона или Реал. Нема штедење, ваков меч може да се реши и со еден потег. Шансите ни се 50%, како и за секој друг меч, сите опции се отворени”, вели Аргентинецот.

- Оглас -

Најнови вести