Фудбалерите на Ливерпул имаат лоша сезона во Премиер лигата и со поразот од Брајтон во последното коло од 3:0 паднаа на деветтото место на табелата и уште сега можат да се простат од битката за титулата.
Црвените по 18 одиграни натпревари во Премиер лигата имаат 28 бода, дури 19 помалку од лидерот Арсенал, а десет помалку од Манчестер јунајтед, кој е четврти и е на позиција која носи пласман во Лигата на шампионите.
Поради лошите игри оваа сезона, англиските новинари бараат од Клоп да се изјасни за неговата иднина во Ливерпул дали ќе остане или планира да си замине.
„Или ќе се смени тренерот или ќе се променат многу други работи. Значи, што се однесува до мене, нема да заминам освен ако некој не ми каже да си одам. Тоа значи дека во одреден момент треба да смениме други работи. Ќе видиме, но тоа е нешто за иднината, на пример за претстојното лето. Имам простор и време да размислувам за тоа. Но, мора да играме подобро“, изјави Клоп.
Клоп, кој од 2015 година го води Ливерпул, ги отфрли тврдењата дека е премногу лојален на некои играчи кои повеќе не ги прикажуваат игрите што се очекуваат од нив.
„Секако дека ги слушнав тие приказни. Јас сум лојален, мислам дека сите треба да бидеме, но не премногу. Проблемот е премногу сложен. Имате добар играч кој долго време правел добри работи за тимот, но со текот на време почнуваш да размислуваш дека неговото време поминало. Ако можеш да пронајдеш квалитетна замена, тогаш има смисла. Но, ако не можеш да донесеш никого, тогаш не можеш ништо да направиш“, објасни Клоп.