Навивачите на Ливерпул во последните 24 часа имаат доста причини за задоволство бидејќи дури трoјца фудбалери кои оставија одличен впечаток на штотуку завршеното Светско првенство сакаат кариерата да ја продолжат на „Енфилд“.
Прво се појави информација дека англискиот репрезентативец Џад Белингам му дава предност на Ливерпул пред Реал Мадрид бидејќи е свесен дека на „Енфилд“ ќе биде лидер на тимот, улога која никогаш не би ја добил во Реал Мадрид.
Борусија Дортмунд за него бара 150 милиони евра, но во Ливерпул се надеваат дека ќе успеат да ја намалат на 100 милиони до идното лето.
Вториот играч за кого медиумите објавија дека посакува трансфер во Ливерпул е репрезентативецот на Мароко, Софијан Амрабат, кој одигра фантастично на Мундијалот во Катар, каде што неговата репрезентација го освои четвртото место.
Иако за неговите услуги постои голем интерес од Тотенхем, Интер и Атлетико Мадрид, Ливерпул е во предност, а Фиорентина за него бара 40 милиони евра.
Последен играч кој сака следен клуб во кариерата да му биде Ливерпул е новиот светски шампион и едно од откровенијата на Мундијалот, Енцо Фернандес, кој беше прогласен за најдобар млад фудбалер.
Агентот на Аргентинецот веќе ги договорил личните услови со управата на Ливерпул и се очекува уште во јануари Фернадес да се пресели на „Енфилд“ иако Бенфика бара 100 милиони евра отштета.
Англиските медиуми пишуваат дека нема шанси сите тројца фудбалери да завршат во Ливерпул, но би требало барем двајца да го облечат Црвениот дрес ,а последниот збор би го имал тренерот Јирген Клоп.