Да излезеш од трка за три трофеи за помалку од 10 дена, значи дека многу работи не функционираат како што треба. Не може да биде полошо за Реал од ова, а дебаклот од Ајакс на „Сантијаго Бернабеу“ само ги нагласи веќе познатите проблеми на сѐ уште актуелниот европски првак.
Јасно е дека Сантијаго Солари не е долгорочно решение, во него веќе гледаат како „бивши“, иако има повеќегодишен договор со клубот. Претседателот Перес налето ќе доведе врвен и искусен тренер, тоа е сигурно, а веднаш по вчерашната елиминација проникна едно ново звучно име.
Се работи за Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул. И покрај тоа што „кралевите“ го посакуваат Маурисио Покетино, сега излезе дека тој не е единствен кандидат од Премиер лигата. Се споменува и враќање на Жозе Мурињо и Зинедин Зидан, но како што пренесе англискиот медиум „Тајмс“, Перес контактирал со Клоп и смета дека токму Германецот е идеален за да го врати сјајот на 13-кратниот европски првак.
Сепак, звучи неверојатно Клоп да биде тренер на некој гигант како што е Реал, бидејќи тој во минатото самиот кажа дека сака предизвик каков што е Ливерпул, да издигне екипа од пепелта и да ја направи шампионска, односно доволно квалитетна да се бори за трофеи.
Едно е сигурно, по крајот на оваа сезона се очекуваат огромни промени во таборот на Реал, а дали Клоп ќе биде „пожарникарот“ кој ќе го гаси пожарот, ќе покаже упорноста на Перес.