Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, по натпреварот со Њукасл на кој неговиот тим не успеа да му даде гол на Њукасл, рече дека пласманот на првото место на крајот на оваа 2020 година е последната работа на којашто мислел. Ливерпул има две ремија по ред против екипи од дното на табелата.
„Убаво е да се биде прв на табелата за Нова година, но тоа не значи дека титулата е наша. Одигравме нерешено, а уште сме први и тоа покажува колку е тешка сезоната за сите тимови. Задоволен сум од играта, имавме шанси, но не дадовме гол. Лошо е кога не креирате шанси. Не го остваривме резултатот кој го посакувавме, разочарани сме, но има и полоши работи од оваа. Кога животот ви дава лимони, треба да направите лимонада“, изјави харизматичниот Клоп.
Ливерпул има шанса првпат по 37 години да освои две титули по ред во Англија, но за разлика од минатата сезона, сега трката е многу поинтересна и понеизвесна. Црвените имаат проблем на гостувањата, победија само двапати на осум гостувања.
Клоп, кој има 53 години, вели дека во последните 30 години за Нова година си посакува една работа: семејството да му остане здраво. Среќен е што годинава завршува и освен титулата во Премиер лигата, нема други работи на кои со задоволство би се потсетувал во иднина.