Во последните неколку сезони во Премиерлигата, битката за титулата ја водат Манчестер сити и Ливерпул, така е и сега, тесна е трката, па затоа и нивниот дуел кој се игра в недела вечер, се чека со нетрпение.
Менаџерот на Црвените, Јирген Клоп, изјави дека соперништвото со Граѓаните помогнало за развој на неговиот тим. Сити има предност од еден бод, а после мечот, на двата тима ќе им останат уште по седум натпревари до крајот на сезонава.
„Мечевите со Сити секогаш се интересни за гледање, бидејќи и двата тима бараат победа, создаваат многу шанси. Овој меч нема да го одлучи првакот, но многу е важен и го чекаме со нетрпение. И да имаше 14-15 бода разлика, пак ќе беше одличен меч, но тогаш сепак нешто ќе му фалеше, вака е идеално. Во спортот, многу помага кога имате силен противник. Мислам дека и Надал и Федерер се насладуваат на ривалството. Не би рекол дека сум благодарен што Сити е толку добар, но сигурно тоа не му пречи на нашиот развој“ – изјави Клоп, кој додаде дека Пеп Гвардиола е најдобар тренер на светот.