Челзи на домашен терен одигра само 1:1 против Евертон, па сега лондонскиот тим заостанува четири бода зад лидерот Манчестер сити, а три има помалку од Ливерпул. Поради проблеми со корона-вирусот, Челзи на синоќешниот меч не можеше да смета на позитивните Лукаку, Вернер, Хадсон-Одои, Чилвел и Ковачиќ, а и Хаверц беше отсутен бидејќи чекаше резултати од тестот.
„Секако дека е фрустрирачки што не победивме, но тешко е да се одигра ваков меч. Пропуштивме големи шанси, можевме да го решиме прашањето околу победникот уште во првото полувреме. Не им дозволивме да направат ниедна шанса, но ни дадоа гол од прекин“, разочарано коментираше тренерот на Челзи, Томас Тухел, кој додаде дека луѓето кои решаваат во англискиот фудбал одлучиле тој меч да се игра.
Изненаден од киксот на Челзи беше и тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, чиј тим синоќа со 3:1 го победи Њукасл.
„Не го очекував ова од Челзи. Многу е необично што киксираа затоа што јас воопшто не познавав петмина или шестмина фудбалери кои беа во тимот на Евертон. На крајот, сепак не треба да размислуваме за резултатите на другите екипи“, рече Клоп.