Поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, и самиот ги отфрли шпекулациите дека би можел да ја преземе функцијата шеф на стручниот штаб на Рома. Италијанскиот весник „Ла Стампа“ претходно оваа недела објави дека германскиот стратег е можен кандидат за нов предводник на римскиот клуб. Но, тоа го демантираше неговиот агент, а сега и Јирген Клоп лично.
„Нема да одам во Рома. Ако сте прочитале некакви гласини дека ќе се вратам на тренерската работа во следните неколку години – тоа се глупости. Можете да бидете први што ќе го објавите тоа, нема да бидам тренер во наредните пет години“, изјави Клоп.
Клоп (57) си замина од Ливерпул летото 2024 година, по девет успешни сезони на „Енфилд“. Под негово водство, клубот ја освои Премиер лигата, Лигата на шампионите, ФА Купот и уште неколку трофеи. Пред ангажманот во Англија, Клоп работеше во Борусија Дортмунд и во Мајнц.
Со оваа изјава, Германецот уште еднаш ја потврди својата намера да направи пауза од фудбалот и да не се враќа на тренерската функција во блиска иднина.