Ливерпул почна со тренинзи пред најавеното рестартирање на сезоната во Премиер лигата закажано за 12 јуни, а им даде потполна слобода на фудбалерите да одберат сами дали сакаат да тренираат.
„Нема да има никакви ограничувања, ниту казни. Овде сте добредојдени и слободно можете сами да одлучите дали ќе тренирате или не. Фудбалот е наша работа, го сакаме, но од сè поважно е здравјето“, им порача Клоп на своите фудбалери.
Почетните тренинзи се одвиваат во помали групи, најмногу со петмина фудбалери, а дозволено е максимум да се работи до 75 минути.
Се очекува одлуката на челниците на Премиер лигата кога ќе може да се почне со стандардните тренинзи, а најавите се дека клубовите и играчите ќе почнат посериозно да работат од почетокот на идниот месец, со цел да бидат подготвени за камбекот.
Ливерпул е лидер на табелата на девет кола до крајот со убедлива предност од 25 бода пред актуелниот првак Манчестер сити и е на прагот да го прекине постот без титула што трае три децении. Последниот пехар во домашното првенство го освоија во сезоната 1989/90.