Клоп: Немојте многу да ме мислите, добар сум!
Германецот во свој стил одговори на шпекулациите дека планира да си земе одмор.

Германскиот стручњак Јирген Клоп ги демантираше гласините дека може да ја прекине тренерската кариера и увери дека е цврсто решен да ги реши проблемите во тимот на Ливерпул.
Кариерата на Клоп во Ливерпул е феноменална, но како ретко кога откако дојде во 2015 година, на Црвените во последно време не им оди добро, и работите се движат во непосакуван правец. Покрај тоа, Клоп има и личен проблем, почина неговата мајка, а тој не можеше да замине во Германија на погреб.
„Јас сум ОК. Навистина сум добро и сум подготвен за следниот предизвик. Не ми треба одмор. Имам 53 години, како тренер работам од мојата 30-та година, сум научил да ги одвојам приватниот живот и работата. Се разбира дека сум тажен по смртта на мајка ми, но не се грижете за мене. Да, брадата ми е се посива и спијам помалку, но полн сум со енергија. Им благодарам на навивачите за поддршката“, рече Клоп, кој резултатската криза ја гледа како предизвик.