Клоп од „Енфилд“ направи тврдина, сега брка рекорд на Јунајтед

Ливерпул имаше цела недела да ги наполни батериите во пресрет на мечот со Барнли во рамките од 30-тото коло во Премиер лигата. „Црвените“ во недела (13 часот) ќе имаат шанса да се поправат по ремито без голови во градското дерби со Евертон и да останат во трката за шампионската титула во Англија.

Во дуелот против тимот кој го води Шон Дајш, Ливерпул ќе може да израмни рекорд на Манчестер јунајтед стар 20 години и воедно да остане непоразен на 36 последователни премиерлигашки мечеви во кои ја имале улогата на домаќин. Рекордот на „црвените ѓаволи“ датира од декември 1998 до декември 2000 година, додека актуелниот европски вицешампион нема пораз на „Енфилд“ од април 2017 година, кога загуби со 1-2 од Кристал палас во 34-тото коло од сезоната 2016/17.

Најдолгата низа без пораз на домашен терен ја држи Челзи, „сините“  не ги разочараа своите навивачи цели четири години, од март 2004 до октомври 2008 година, односно во 86 последователни првенствени меча. Втор најдобар рекорд држи Манчестер сити со 37 меча без пораз на „Етихад“, низата траеше од декември 2010 до декември 2012 година.

При евентуален триумф или реми со Барнли, Ливерпул ќе се израмни со Јунајтед, додека ќе застане веднаш зад другиот гигант од Манчестер.

- Оглас -

Најнови вести