Додека беше тренер на Борусија Дортмунд, Јирген Клоп имаше многу незаборавни дуели против Баерн Минхен. Сега стратегот повторно ќе треба да смислува тактика како да го надмудри најтрофејниот германски клуб, но овојпат како предводник на Ливерпул.
Утревечер на „Енфилд роуд“ Ливерпул ќе го пречека Баерн Минхен во првиот меч од осминафиналето.
„Мило ми е што повторно ќе играм против тим од Германија. Нормално дека знам за германскиот фудбал повеќе од која било друга лига во светот, но тоа нема да направи голема разлика. Играчите на теренот се тие коишто решаваат. Баерн шестпати по ред е шампион на Германија, а во последните 10 години константно игра во четврт-финалето, полуфиналето или финалето од Лигата на шампионите. Тоа доволно зборува за квалитетот со којшто располага овој тим“, рече Клоп.
Германскиот стратег како предводник на Борусија, дури 29 пати играл против Баерн, а утре ќе го има јубилејниот 30-ти меч како предводник на Ливерпул.