Ливерпул загуби во првенството. Вест која едноставно не бевме навикнати да ја слушнеме, затоа што тимот на Јирген Клоп немаше пораз во Премиер лигата од јануари 2019 година. Дури 44 натпревари траеше серијата на Ливерпул без пораз, а потоа се појави Вотфорд и славеше убедливо со 3:0. Ова е најтежок пораз на еден лидер во првенството од тим кој е во зоната за испаѓање во последните 35 години.
И покрај неуспехот, тренерот на гигантот од „Енфилд роуд“ не беше вознемирен.
„Знаевме дека ќе дојде денот кога ќе мора да загубиме. Не го чекавме тој ден, но бевме свесни дека и тоа ќе се случи. Сега може слободно да играме и да не се оптеретуваме дали ќе срушиме некој рекорд или не. Наша задача сега е повторно да се вратиме на победите. Успеавме да освоиме толку бодови до овој дел од првенството затоа што постојано бевме сконцентрирани и игравме без да се опуштиме. И останатите екипи се обидуваат да го направат истото, но тоа е многу тешко. Не сме среќни што загубивме, но не мислам дека тоа е најголемата катастрофа во фудбалот“, рече Клоп.
Ако Ливерпул делуваше недопирливо во изминативе неколку месеци, сега за само две недели загуби два пати во последните три средби. Англискиот гигант беше поразен и на гостувањето кај Атлетико Мадрид во првиот меч од осминафиналето од Лигата на шампиони.
По поразот на Ливерпул, сега Лацио е тимот со најмногу мечеви без неуспех во Топ 5 лигите. Лидерот во Серија А има 21 натпревар без пораз во првенството.